Поривот за обединување на Албанците е закана за иднината на Македонија, вели директорот во Центарот „Вудро Вилсон“
Од нашиот известувач
Борис Георгиевски
Оклахома сити - Црни прогнози за иднината на Балканот, и особено на Македонија, стигнаа од директорот за источноевропски студии на американскиот центар „Вудро Вилсон“. Првиот човек на реномираниот вашингтонски институт, Мартин Шлецингер, предвидува дека Македонија би можело да ја снема како последица на независноста на Косово, а целиот регион да влезе во серија кризи проследени со нови промени на границите.
„Значи, тоа е процес и мислам дека е сосема природен, сега веќе и од политички причини. Раководството во Тирана и Албанците во Македонија тоа сега не го кажуваат, но мислам дека неизбежно ќе дојде до приближување. Би било убаво кога тоа би се случило преку ОН, но кога тоа ќе се случи ќе можеме да се простиме од Македонија. Тоа е сигурно. А тоа е само почеток“, изјави Шлецингер во интервју за Гласот на Америка, коментирајќи ја веројатноста за обединување на двете албански држави на Балканот.
Со исклучок на црните сценарија на Шлецингер, другите американски аналитичари се невообичаено тивки во деновите по прогласувањето на косовската независност. Главно се изразува поддршка кон декларацијата на Приштина, а интересот не е насочен кон иднината на регионот, туку повеќе кон однесувањето на Русија. Македонија во тој контекст речиси и да не се спомнува.
Според директорот на американскиот Институт за мир, Даниел Сервер, најголемиот ризик за независноста на Косово е неговата евентуална поделба, „Белград јасно ги стави до знаење своите намери да не ги дава оние три и пол општини на северот на Косово“, изјави Сервер за весникот „Вашингтон тајмс“.
Поранешниот американски амбасадор во ОН, Џон Болтон, минатата недела предупреди дека новата независна држава на Балканот би била подложна на влијание од богатите исламски земји. За него, независноста на Косово ќе значи и охрабрување на малцинствата од други држави кои не сакаат да живеат во нив, да добијат гласност и во регионот и ширум проблематичните области во светот.
На дилемата, кога може да се очекува Албанците од регионот да посакаат да живеат во заедничка држава, Шлецингер одговара дека тоа одамна веќе се случува. „Кога кон крајот на 1970-тите години почнував да работам во американската влада и во Конгресот, претставниците на албанската заедница ми даваа документи со мапи на кои Илирија ги опфаќаше Косово, половина Македонија, добар дел од Црна Гора и секако Албанија. Мислам дека Албанците беа многу мудри во таа работа и, на крајот на краиштата, сосема е природно за нив да сакаат да живеат во една држава, како што и сите Срби сакаат да живеат во една држава. Но, ние тоа го спречивме. Не гледам зошто сега би овозможувале создавање голема Албанија, која не би била ниту постабилна, ниту поморална од голема Србија. Всушност, би била многу понеморална, бидејќи би настанала со разбивање на други земји. Мислам дека е тоа процес што трае со години. И тоа не е ништо ново. Не е точно дека, како што велат претставниците на САД, до отцепувањето на Косово дојде поради насилството во времето на Милошевиќ и убивањето на 10 илјади луѓе во текот на војната - што е исто така претерување. Тоа е целосен нонсенс. Затегнатоста меѓу Србите и косовските Албанци околу таа територија трае веќе 100 години“, изјави Шлецингер.
Шлецингер е долгодишен прв човек на источноевропското биро во центарот „Вудро Вилсон“, а работел и во американскиот Конгрес, каде што и последниве години е редовно консултиран околу политиката кон Балканот. Докторирал на тема „Југославија“, а се смета за експерт за Балканот и за проширувањето на НАТО.
Тој е уверен дека ќе дојде до прекројување на границите на Балканот, како последица на независноста на Косово.
„САД и т.н. меѓународна заедница тврдат дека тоа е една од трите црвени линии кои не смеат да се преминат - како што нема да има поделба на Косово, така нема да има ниту придружување на Косово кон друга држава. Но, ние тоа не можеме да го запреме. Или можеме да го запреме само ако сакаме. Дали сакаме, не знам, но секако ќе има иницијативи во тој правец.
За Албанија, обединувањето со Косово и делови од Македонија би предизвикало внатрешни политички последици и етнички проблеми, бидејќи би дошло до преместување на центрите на моќ, но сметам дека чувството да се биде Албанец во Албанија ќе преовладее и дека тоа ќе биде нешто со што светот ќе мора да се соочи - не сега, не за 6 месеци, но веројатно за 6, 7 или повеќе години. Тоа е сигурно.
Ова е само првиот чекор во новата фаза на она што ќе се случува на Балканот. Признавањето на независноста на Косово не реши ништо. Само отвори цела низа нови прашања и проблеми со кои сега ќе мораме да се соочиме“, рече Шлецингер во интервјуто за Гласот на Америка.
Източник:
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=88C64554BCC1C54BB1651BA7730BB615 :o БОЖЕ ПОМОГНИ НИ!